Европски дигитални акредитиви за учење
Европскиот дигитален акредитив за учење (EDC) е проверлива, дигитална верзија на квалификација издадена од организација на учесник во образованието со цел да се документира неговото образование и обука. Овие квалификации ги вклучуваат дипломите, сертификатите за обука, микро-квалификациите, сертификатите за учество и други сертификати. Тие можат да бидат издадени на сите јазици на ЕУ и Europass и се потпишани со електронски печат (форма на дигитален потпис што припаѓа на доверлива институција или организација).
Бидејќи се дигитални по природа, можете брзо и лесно да ја споделите вашата квалификација (акредитивот) со потенцијални работодавачи, да ја користите при аплицирање за понатамошна обука или да ја приложите при постапки за признавање, без потреба да скенирате или фотокопирате хартиена диплома. EDC квалификациите вклучуваат низа механизми за верификација, овозможувајќи му на секој што ја гледа квалификацијата да ѝ верува на нејзината автентичност и да ја провери нејзината важност.
Ако институција ви издаде EDC, ќе ја добиете: директно префрлена во вашиот Europass паричник (достапен во вашата Europass библиотека), или преку е-пошта, со можност да ја прикачите во вашиот Europass паричник (или друг компатибилен дигитален паричник).
Вашиот Europass паричник е простор во вашата Europass сметка каде што безбедно можете да ги чувате вашите EDC квалификации, да ги споделувате директно и да ги вклучите во апликации заедно со вашата биографија (CV), пропратно писмо и други релевантни документи.
Ве молиме имајте предвид дека е важно или да:
- Го зачувате вашиот акредитив во Europass или друг компатибилен паричник
- или редовно да го поставувате во EDC прегледувачот
Ова е потребно за да се осигура дека вашиот EDC квалификација (акредитив) ќе остане валидна со текот на времето. За повеќе информации, погледнете ја секцијата „Важни информации за зачувување на вашата EDC“.
Како да го користам мојот Европски дигитален акредитив за учење?
Преку Europass можете да: го чувате, прегледувате, насочувате и споделувате вашиот EDC дигитален акредитив.
Зачувување на мојот дигитален акредитив EDC
Кога институција ќе ви издаде EDC дигитален акредитив, ќе добиете известување на е-поштата што сте ја навеле кај институцијата. Во таа е-пошта, или ќе добиете директна врска до вашиот дигитален паричник каде што ќе го најдете и прегледате вашиот EDC акредитив, или ќе го најдете вашиот акредитив како прилог, со инструкции за тоа како да ја визуелизирате неговата содржина.
Ако акредитивот е директно префрлен во вашиот Europass паричник, не треба да преземете дополнителни активности. Можете да пристапите до акредитивот преку линкот во е-поштата или со најава во вашата Europass сметка и пристап до одделот „Сертификати и дипломи“ во вашата библиотека.
Ако немате регистрирано сметка на Europass со е-поштата на која ви беше испратен EDC, акредитивот може да добиете и е-порака во која се наведува дека за вас е креиран привремен Europass паричник. За да го преземете овој привремен паричник, ќе треба да креирате сметка на Europass користејќи ја истата е-пошта на која ја добивте вашиот EDC акредитив. Откако ќе ја креирате вашата сметка, ќе можете да ја најдете вашата квалификација во одделот „Моја библиотека“. Ако одлучите да не го преземете вашиот паричник, тој автоматски ќе биде избришан по 6 месеци.
Доколку го имате добиено акредитивот како прилог и сакате безбедно да го зачувате во дигитален паричник (а сѐ уште немате сметка на Europass), најпрво ќе треба да креирате сметка на Europass.
Потоа следете ги следните чекори:
- Одете во вашата Europass библиотека.
- Спуштете се надолу до одделот „Сертификати и дипломи“. Toa e истотака вашиот Europass паричник.
- Притиснете на копчето „додај“ во горниот десен агол на oдделот.
- Селектирајте ја и поставете ја датотеката со акредитивот што сте го добиле преку е-пошта.
Вашиот акредитив сега е зачуван во вашиот Europass паричник. Може истотака да изберете да ги чувате вашите EDC акредитиви надвор од мрежата.

Важна информација за чување на вашиот акредитив - EDC
Ве молиме имајте предвид дека вашиот европски дигитален акредитив EDC е потпишан со електронски печат, кој има одреден рок на важност. Ако го зачувате вашиот акредитив во Europass паричникот, неговата важност автоматски ќе се продолжи. Сепак, ако изберете да го чувате надвор од мрежата, повремено треба да го поставите во EDC прикажувачот за да се осигурате дека валидноста на електронскиот потпис на вашиот акредитив е продолжена пред тој да истече. Затоа се препорачува вашите EDC акредитиви да ги чувате во вашиот Europass паричник. Кога го поставувате акредитивот во прикажувачот и кога е близу до датумот на истекување, ќе се појави известување кое ве информира дека вашиот акредитив наскоро ќе истече. За да продолжите со прегледување на вашиот акредитив, ќе треба да кликнете на „да“ за да се продолжи неговата валидност. Потоа автоматски ќе се креира нова верзија на вашиот акредитив со продолжен рок на важност. Ќе треба да ја преземете и зачувате оваа нова верзија за да обезбедите пристап до вашиот акредитив и во иднина.

Преглед на мојот дигитален акредитив - EDC
Можете да изберете да го отворите вашиот акредитив - EDC директно од вашиот Europass паричник со притискање на сликата-графички приказ (thumbnail), по што ќе бидете пренасочени кон прикажувачот на акредитиви - EDC , или можете да изберете поставување на оригиналната датотека со акредитивот (примена преку е-пошта или зачувана надвор од мрежата) директно во прикажувачот на акредитиви - EDC. Во прикажувачот на акредитиви - EDC едноставно кликнете на жолтото копче „постави квалификација“ и изберете ја датотеката што сте ја преземале од првичната е-пошта со известување.
Имајте предвид дека овој акредитив е само машински читлив и има екстензија на датотеката .jsonld. Нема да можете да го отворите во ниту една апликација освен во Europass паричникот и прикажувачот или друг компатибилен алтернативен систем што го навела вашата институција.
Навигација низ мојот дигитален акредитив EDC
Европските дигитални акредитиви за учење (EDC) се составени од три различни слоја:
- Визуелен преглед: ова е типичната визуализација на твојот акредитив и најчесто содржи минимални информации, како што се: твоето име, насловот на акредитивот, и други информации што издавачот на акредитивот одлучил да ги вклучи.
- Проверки за автентичност и верификација: овие проверки ви даваат информации за валидноста и доверливоста на техничкиот формат на квалификацијата и нејзината автентичност. Тие исто така информираат за:
а. Кој го запечатил акредитивот – (односно правното лице кое ви го издало);
б. Дали е поврзан со валидна акредитација – (акредитацијата е дополнителна форма на контрола на квалитет, која институциите можат да ја користат во формалното образование ако сакаат. Сепак, акредитивот останува валиден и без акредитација.)
в. Дали некој го изменил акредитивот – односно дали е уредувана односно манипулирана содржината на датотеката. Во таков случај, електронскиот печат би бил поништен, проверките за верификација не би поминале и секој што го прегледува акредитивот би знаел дека неможе да се верува на неговата содржина. - Содржината: Структурирана содржина на акредитивот е прикажана во оддели кои ги претставуваат информациите за носителот на квалификацијата и институцијата издавач, како и податоци за постигнувањата, образовната активност, оценувањето или правата за кои ви е доделен акредитивот.
На левата страна од прикажувачот на дигитални квалификации - EDC, ќе најдете картици преку кои со притискање може да се пристапи и движи помеѓу овие кластери од информации. Таму можете да ја видите целосната содржина на акредитивот т.е. Квалификацијата каде освен вашите лични податоци (минимум вашето име), може да бидат вклучени и опис на курсот што сте го завршиле, оценки, постигнати резултати од учењето, или други информации што институцијата издавач ги документирала во акредитивот. Овие дополнителни информации ви овозможуваат подетално да го прикажете вашето учење пред потенцијални работодавачи или други надворешни страни, кои потоа можат да ги верификуваат вашите знаења и вештини.

Споделување на мојот дигитален акредитив - EDC
Европските дигитални акредитиви (EDC) се дизајнирани да овозможат лесно споделување со потенцијални работодавачи, институции за образование и обука (кога аплицирате за нова можност за учење), или со други страни, на пример, за целите на признавање на квалификации. Никогаш не треба да ја споделувате оригиналната датотека од вашиот акредитив односно датотеката што сте ја добиле по е-пошта или што сте ја преземале од вашиот паричник, во JSON-LD формат). Таа датотека е оригиналната верзија на твојот акредитив и треба да остане само кај вас. За да го споделите вашиот дигитален акредитив, можете да:
- Креирате прилагодена врска за споделување на акредитивот од вашиот Europass паричник или од прикажувачот на дигитални акредитиви - EDC. Споделената-врска води до истиот приказ на акредитивот кон кој пристапувате од прикажувачот, но не дозволува понатамошно споделување.
- Генерирате PDF извоз на акредитивот од прикажувачот на акредитиви - EDC. Извезениот документ во PDF е документ на две страници кој содржи преглед на акредитивот, преглед на проверките за валидација, како и врска и QR-код што водат до целосниот преглед на квалификацијата во EDC прикажувачот.

Имајте предвид дека можете да ја генерирате врската за споделување или PDF документот само преку пристап до акредитивот од вашиот Europass паричник.
Кога креирате врска за споделување или PDF документ за извоз, секогаш треба да наведете датум на истекување. Ова е со цел да се осигурате секогаш да имате контрола врз вашите лични податоци. Со поставување на датум на истекување, обезбедувате дека трети страни ќе можат да пристапат и да ја потврдат валидноста на вашиот акредитив, но нема да можат да ги задржат вашите податоци подолго отколку што им дозволувате. Може да го продолжите или скратите периодот на важност на директната врска за споделување или на онаа вклучена во вашиот PDF документ за извоз преку вашиот профил на Europass платформата.
Како да се здобијам со Европски дигитален акредитив за учење?
Дигиталните акредитиви - EDC слично како и традиционалните уверенија , се издаваат од страна на институцијата со која сте се стекнале со некое образование или во нејзино име. Таа институција може да биде давател на обука, универзитет или друга организација. За да дознаете дали можете да ја имате вашата диплома или друг сертификат во формат на дигитален акредитив EDC, ви укажуваме директно да ја контактирате надлежната институција.
Прашања во врска со мојот Европски дигитален акредитив - EDC
Содржината на акредитив не може да се менува. Ако забележите грешки или неправилности во вашиот акредитив, тој ќе треба да биде повторно издаден. Доколку имате прашања во врска со содржината на вашата Европски дигитален акредитив за учење, ве молиме контактирајте ја институцијата што го издала акредитивот.
Ве молиме имајте предвид дека ниту тимовите за поддршка на Europass ниту на EDC не можат да дадат дополнителни информации за содржината на акредитивите и не можат да изменат никакви податоци во акредитивот. Ако не сте сигурни која организација ви го издала акредитивот, можете да ја најдете таа информација во картицата „Издавач“ кога го прегледувате акредитивот.
Доколку имате технички потешкотии при користење на вашиот Europass паричник или при прегледување на акредитивите, ве молиме контактирајте ја Службата за помош на Europass со детално објаснување на проблемот со кој се соочувате.